Компанијата Специјал Градба продолжува да придонесува за развојот на успешната туристичка приказна во Крушево. Би сакале да ја известиме јавноста дека компанијата изминатата недела започна постапка за преземање на хотелот Монтана и неговите придружни објекти во рамки на нашата групација од објекти за угостителство и туризам.
Пред речиси 5 години започнавме со нашите инвестиции во угостителството со успешното рестартирање на хотелот Панорама во Крушево. Оттогаш до денес, постојано ја збогатуваме нашата понуда за сите посетители на Крушево. Го обновивме скијачкиот центар во Крушево и го трансформиравме во најголем авантуристички парк во државата, со активности достапни во сите годишни времиња со кои силно го промовираме концептот на т.н. активен туризам. Во непосредна близина на ски центарот започнавме со изградба на апартмани за сместување со што сите посетители имаат вистинско ski-in ski-out искуство. Во рамки на понудата за нашите гости секогаш даваме предност на развој и користење на локалните капацитети во Крушево.
Нашата долгорочна проценка е дека развојот на туристичкиот потенцијал на градот е доколку има доволно сместувачки капацитети кои нудат висококвалитетни содржини на своите гости. Токму затоа, нашите понатамошни чекори во развојот на хотелот Монтана ќе бидат врзани со негова трансформација во модерен планински хотел кој пружа премиум релаксација на своите гости со прекрасен поглед на градот. Хотелот е изграден 1973 година, а повеќе од 10 години е во приватна сопственост. Во моментот располага со 77 соби, конгресна сала за 330 лица и 2 конференциски сали како и останати придружни објекти. Во склоп на хотелскиот комплекс се наоѓа и црквата Св. Троица.
Како општествено-одговорна компанија, Специјал Градба, во наредниот период и понатака ќе придонесува за промоција на културното и историско наследство на Крушево пред туристите од државата, регионот и светот. Нашата цел е и Крушево да биде задолжителен и неизоставен дел од туристичката понуда на т.н. кружни туристички тури на Балканот.